Денот заврши, време е за спиење, вашето дете е уморно, но штом ќе го ставите во кревет или дури и пред да легне во креветот, настанува вистинска драма. Вашето дете протестира, не сака да спие, на секој можен начин пробува да остане будно. Но зошто не сака да спие, што му е?
Она што на вашето дете му е потребно во овој момент, е трпение, а поради вашиот умор трпението ви е многу намалено, а можеби и го немате. Но вашето дете сеуште ја нема потребната зрелост за да размислува за иднината, и да сфати колку е важно спиењето за него. Затоа ваша одговорност е да внимавате на квалитетот на нивните основни животни потреби. Ова важи и за спиењето.
Доколку сакате да ја превземете контролата во ваши раце, да го намалите протестирањето и да го олесните заспивањето на вашето дете прочитајте ги долунаведените совети.
- ИЗБЕГНУВАЈТЕ ПРЕМОР
Голем премор кај вашите деца, води до поголем протест за успивање, и многу потешко успивање. Осигурете се преку ден да спие доволно за неговата возраст, и внимавајте на прозорците на будност. Не го оставајте детето да се премори.
- КОНТРОЛИРАЈТЕ СЕ САМИТЕ СЕБЕ
Вие сте возрасниот во собата, контролирајте ги вашите емоции. Ако сте нервозни во моментот или чувствувате дека ќе експлодирате, излезете од собата, земете длабок воздух, смирете се, па влезете повторно. Кога ние сме нервозни, и децата се нервозни, па и успивањето е потешко.
- ФРУСТРАЦИЈА И ЛУТИНА ИДАТ ЗАЕДНО
Прифатете ги емоциите на вашето дете и дозволете му да ги искаже своите чувства. Нека ја осети вашата наклонетост кон него и да почувствува дека вие сте тука за него. Не му ги забранувајте солзите, бидејќи така може полесно да му помине фрустрацијата.
- ОВОЗМОЖЕТЕ МУ СИГУРНОСТ
Вашето дете треба да знае во секое време дека вие сте тука за него. Казнување пред самото спиење и кавга пред заспивање, само ќе му направат потешко да се смири и да потоне во сон. Бидете нежни и полни со љубов пред успивањето. Создаете рутина пред спиење која и вие и вашето дете ќе ја сакате.
- СКРАТЕТЕ ЈА ДИСКУСИЈАТА
Во ред е да му дозволите на вашето дете да направи одреден избор пред спиење (пример: која книга ќе ја читаме). Но премногу опции или долги дискусии може многу брзо да го совладаат вашето веќе уморно дете и да прераснат во негодување и плачење.