Рано будење и 8 решенија

Слушате како вашето малечко почнува да мрда. Будно е, со широко отворени очиња. Гледате во часовникот, часот е  04:48, бебето е будно, а вие се што сакате е да продолжите да спиете.

Никој не сака да биде буден во 5 часот наутро. Па, што е работата со овие рани утрински будење и како можеме да ги решиме за да можете сите да поспиете малку подолго?

ШТО Е РАНО БУДЕЊЕ?

Ајде да започнеме со точно дефинирање на тоа, што се подразбира под рано будење? Секој од нас си има своја дефиниција за раното будење. Некои сметаат дека секое будење пред 5ч е неприфатливо и е рано будење, но некои сакаат да спијат и до 8:00, па секое порано будење го сметаат за рано.

Кога зборуваме за деца и нивната потреба за спиење, треба да имаме реални очекувања. Многу е важно да разберете дека нивниот природен биолошки циркаден ритам им наметнува порано будење за разлика од возрасните. На децата им е потребно порано вечерно успивање, и многу често се будат порано од возрасните. Едноставно така функционира спиењето кај децата.

Што значи ова во однос на утринското будење? Најголем дел од децата, се спремни за утринско будење помеѓу 6:00-07:00 часот наутро. Секое будење пред 06:00ч. , најчесто се смета за рано будење.  Будењето многу покасно од 07:00ч, може да го измести целиот природен биолошки часовник и да влијае негативно на дневното и на ноќното спиење.

Општо прифатени правила за утринските будења на деца до 6 годишна возраст се:

4:00-5:00ч. сеуште е ноќ

5:00-6:00ч. за повеќето деца е рано будење

5:30-6:00ч. сива зона (некои деца функционираат добро со ова будење, на некои им е рано)

6:00-7:00ч. прифатливо и добро време за будење

Дали ви го уништив планот за спиење до 8:30ч. со вашето 15месечно дете? Извинете не е до мене, обвинете ја биологијата. 😊

Но дали ова значи дека треба да го будите вашето дете порано, ако сака да спие до покасно? НЕ, но само доколку вашето дете има убав дневен ритам и добар ноќен сон. Доколку вашето дете има нарушено спиење, тогаш треба да работите на средување на целиот 24часовен распоред.

КАКО ДА ГО РЕШИТЕ ПРОБЛЕМОТ СО РАНО БУДЕЊЕ?

Доколку вашето дете се буди пред 06:00 часот наутро, има надеж за поместување на времето покасно. Има неколку причини кои може да му предизвикуваат рано будење на вашето дете. Подолу ќе прочитате кои се причините и како можете да ги решите.

Ќе започнеме со поедноставните проблеми и решенија, а на крај ќе зборуваме за потешките.

1.Изложеност на светлина – дури и намјала светлина да влегува во собата во раните утрински часови, може да биде прична за рано будење. Светлината има огромна улога во активирање на природниот часовник. Дури и најмалата светлина која ѕирка во собата, може да му даде сигнал на мозокот на вашето бебе дека е ден и времето за спиење е завршено.

Решение: Целосно покријте ги прозорците! Буквално секој милимитар да биде покриен за да не влегува дневна светлина. Не е важно дали ќе ви изгледа убаво прозорот, важно е да функционира. Доколку немате ролетни, ставете темни завеси, или залепете темна хартија на прозорот, целта е, во утринските часови во собата да биде темница, како да е 1:00 часот по полноќ.  Доколку се одлучите за завеси, да бидат убаво поставени, да не се појавува зрак светлина од страните, ако треба и залепете ги краевите на прозорот или на ѕидот. Собата мора да биде ТЕМНА.

 

2. Бучава – Најлесните фази на спиење се во последните неколку часа од ноќниот сон. Доколку камионот за ѓубре проаѓа покрај вашиот прозор во 5:30ч, доколку се слуша пеењето на птиците или мама и тато се спремаат за работа, или дури и крцкање на креветот или паркетот, може да биде причина да го разбуди вашето малечко од леснот сон, и да му биде тешко да презаспие.

Решение: Пуштете бели звуци во нивната соба. Белите звуци ќе ги неутрализираат звуците од надворешните влијанија и ќе го спречат нивното будење од ненадеен звук. Може да си купите машина за бели звуци, или да вклучите фен, или да пуштите на телефон бели звуци. Што и да одберете, важно е бучавата да биде неритмичка и гласна околу 50 децибили, за да има ефект.

 

3. Возбудливи утрински активности – Ако вашето дете се буди рано наутро и веднаш почнувате со некоја активност која е возбудлива за него, самата активност ќе предизвика рани утрински будења. Некои најчести активности кои ги практикуваат родителите веднаш по будењето, а може да бидат причина за рани будења се: лежење и гушкање во креветот на мама и тато, веднаш доење или пиење млеко, или пуштање на цртани. Ако вашето дете знае дека штом ќе се разбуди ќе ги прави неговите омилени активности, мозокот наместо да сврзе уште еден циклус на спиење, ќе го разбуди.

Решение: Оставете простор помеѓу будењето и омилените активности. Промена на пелена, пресоблекување, боење, редење сложувалка може да бидат активности со кои ќе го пополните времето од 15-30минути после будењето. По околу 30 минути, вашето дете може да цица или да пие млекце, цртаните одложете ги колку што ќе можете покасно.

 

4. Време за ноќно успивање – најчеста причина за рано будење е касно вечерно успивање. Најлошиот непријател за добар сон на вашето дете е премор. Преморот може да предизвика почести ноќни будења, како и рано утринско будење. Знам дека не ви звучи логично, но покасно вечерно успивање води до порано будење. Најквалитетниот сон се случува во првата половина на ноќта, колку подолго и подобро спие детето во првата половина, толку подобра и подолга ќе биде втората половина од спиењето.

Решение: Поместете го успивањто порано. Дури и 30 минути порано успивање може да направи голема разлика во утринското будење. Ако вашето дете вообичаено заспива во 20:00ч, поместете го во 19:30ч, и придржувајте се до тоа време една до две недели. Со тек на времето, нивното тело ќе се навикне, и би требло да почнат да се будат покасно во утрото.

 

5.Независни вештини за спиење – доколку на вашето дете му е потребна помош за да заспие, голема е веројатноста дека ќе се буди навечер и ќе бара да го презаспиете, а и ќе станува рано сабајле без можност да презаспие. Ако мора постојано да му ја враќате цуцлата за спиење, да го нишкате, да го тапкате, да го галите….не може да очекувате да може да презаспие рано наутро кога ќе се разбуди.

Решение: Понекогаш независноста во успивањето на децата се усовршува како што растат, но понекогаш е потребно да се спроведе тренинг за спиење за да се подобри спиењето на дечињата. Постојат повеќе методи и техники со чија помош може да го научите вашето бебе да заспива и да презаспива само. Изберете метод кој ќе можете да го спроведете до крај, направете си план, и придржувајте се 110% до планот. Прво детето ќе научи да заспива само и да презаспива во најголем дел од ноќта, но ќе има потешкотија со утринското презаспивање. И во тој случај, константно, придржувајте се до вашиот метод на успивање. Може да не контактирате и нас за да ви изготвиме индивидуална програма за спиење.

 

6.Распоред на дремки –Треба да обрнете внимание кога започнуваат дневните дремки. Ако утринската дремка започнува многу рано, го поттикнувате циклусот на раното будење затоа што таа рана дремка делува како продолжение на ноќниот сон. Ако вашето бебе се буди во 5:30, а дремката почнува во 7:15, всушност се буди во сред ноќен сон, останува кратко будно, а потоа повторно заспива за да си го доспие ноќниот сон. Поради тоа останатите дневни дремки се целосно изместени од циркадниот ритам, и најверојатно вашето бебе ќе заспива рано навечер за да го компензира изгубениот сон, и така цело време ќе се вртите во зачаран круг. Исто така, ако од завршување на последната дремка и почнување на ноќното спиење има поминато долго време, или па кратко време, тогаш пак ќе имате проблем со рано будење.

Решение: Во овој случај многу е важно да го следите природниот, биолошки часовник на вашето бебе, кој е контролиран од циркадниот ритам. Секое дете поминува низ “бранови на спиење” во период од 24 часа, и за време на тие бранови, потребата за сон е поголема. Доколку детето спие во “брановите”, сонот е најздрав и најцврст. Ако детето спие во различно време и во различен ритам, големи се шасните за стекнување на лоши навики на спиење, како што е и раното утринско будење. Трудете се да воспоставите дневен ред, соодветен за возраста на вашето дете, и придржувајте се константно до тој ред.

 

7.Кратење на спиењето – Ова е последното нешто кое го практикуваме ако детето се буди многу рано. Многу е ретко, но понекогаш се случува. На некои деца им е потребно помалку сон во 24часа, па се будат рано наутро наспани и спремни да го започнат денот. Потребата за сон се менува од година во година, многу е важно да процените дали вашето дете спие доволно, малку или многу.

Решение: Доколку сите претходни решенија се неуспешни за да го поместите утринското будење кон покасно, пробајте да го поместите ноќното успивање покасно. Ако се одлучите на овој чекор, направете го тоа внимателно и доследно, или ќе се соочите со контраефект. На секои 3-4 дена, поместувајте го ноќното успивање за 10мин. покасно, се додека не стасате до успивање 30минути покасно од првичното време. Во период од 2-3 недели, доколку вашето дете навистина многу спиело, би требало и утринското будење да се помести за 30мин. покасно.

 

8.Држете се до вашиот минимум – Мојот последен совет е да поставите минимум време за будење, и да се држите упорно до тоа. Ако сте одлучиле дека денот не почнува пред 06:30ч., тогаш нема да почне пред 06:30ч. Ако вашето дете се разбуди во 06:25, и затоа што е блиску до 06:30 ќе одлучите дека може да станете и да ви почне денот, тогаш го поместувате вашиот минимум во 06:25. Но бидете внимателни, утринско будење многу лесно се поместува порано и порано. Следното утро можеби ќе се разбуди во 06:20, па 06:10, и пред да се освестите, ќе почнете да се будите во 05:00 часот наутро. Сè додека се држите до вашиот минимум и не дозволувате утрото да започне пред тоа време, вашето дете ќе се прилагоди и во текот на неколку недели ќе почне да спие до тоа време (или подоцна!).

 

9.БОНУС СОВЕТ: Ако имате дете поголемо од 2 години користете часовник, аларм за будење. Ќе му објасните на детето, дека се додека не се пушти музиката од часовникот, не почнува денот. И да се разбудиме, лежиме во кревет и се обидуваме да презаспиеме се додека не заѕвони или не засвети часовникот.

 

ДАЛИ Е ВОЗМОЖНО МОЕТО ДЕТЕ ДА Е РАНОБУДНО?

Да, возможно е. Некои деца едноставно се ранобудни. Нивните внатрешни часовници, биолошки се поставени за порано почнување на денот, за разлика од останатите. Ако ова се однесува на вашето дете, пробајте да се помирите со тој факт, и да ги организирате вашите активности и обврски околку неговиот распоред. Ова значи и вашето легнување да се помести малку порано, за да може да се будите со вашето детенце рано наутро, а да не бидет преморени. Не заборавајте дека тоа нема да остане засекогаш така. Како и скоро се кај децата, фаза е, како што расте детето и потребите за спиење се менуваат, така и раното утринско будење ќе се промени.

Сања Ѓорѓева – Сертифициран и обучен тренер за спиење (Certified Gentle Sleep Coach ℠), дел од светски распространета организација составена од тим стручњаци во областа на спиењето, предводени од светски познатата Kim West уште попозната како The Sleep Lady. Нашиот тим користи методи и техники, за подобрување на сонот на бебиња и деца од 4 месеци до 6 години, кои се индивидуални за секое семејство, прилагодени на возраста и карактерот на детето како и на динамиката на семејството. Со помош на нашите програми за спиење, ќе ги научите вашите деца да заспиваат сами и да ја преспиваат ноќта за помалку од две недели.

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Verified by MonsterInsights