И покрај придобивкте од заедничкото спиење, многу родители сакаат нивните деца да спијат во свој кревет но не знаат како да ги преместат. Во овој блог ќе споделам со вас неколку совети, се надевам ќе ви бидат од корист.
1.Разговор– започнете со разговор со вашето дете (ако е доволно големо) во кој ќе му објасните дека ќе настанат промени во однос на спиењето, и потсетувајте го често. Колку почесто ја спомнувате промената, толку повеќе време ќе има за да процесира, размисли и да биде свесно дека наскоро, ќе се случи промена.
2. Вметнете сигурносен предмет за спиење – откако ќе донесете одлука да го префрлите вашето бебе од брачен кревет во посебен кревет (или соба), неколку дена пред да го направите тоа, ако веќе не сте го направиле, вметнете предмет за спиење: ќебе или плишано животно (внимавајте да нема опасност од гушење како лабави делови или очи со копчиња) кои може да се воведат во рутината пред спиење, а и во процесот на успивање. Направете го тој предмет дел од вашето секојдневние, целта е, вашето бебе да го препознава тој предмет и да му помогне во транзицијата и успивањето. Исто така, може да биде корисно да го „носите“ предметот за да го има вашиот мирис, кој е смирувачки за вашето бебе. Ова ќе му овозможи на вашето бебе да има дел од „вас“ без вие всушност да бидете таму.
- Изберете соодветен кревет – Многу е важно да изберете кревет соодветен за возраста на детето. Моја препорака е, ако детето е помало од 2ипол години, да спие во бебешко креветче, ако детето е постаро, тогаш може да го префрлите во детски кревет. На децата пред 2ипол години (а понекогаш и пред 3) е тешко да им се објасни да не стануваат од креветот и да не излегуваат од собата среде ноќ, ако не се спремни за голем кревет, ќе се соочите со повеќе несакани предизвици.
Вклучете го детето во припремата на креветот, дозволете му да избере постелнина, ќебенце со кое ќе се покрие, или ако купувате кревет, одберете го заедно.
Кога ќе дојде време за спиење во неговиот кревет за прв пат, задржете ја секојдневната рутина која ја имате, но наместо во вашиот, ќе го спуштите во неговиот кревет. Ако правите промена и на собата за спиење, неколку вечери може да спиете во собата на детето, за да му ја олесните транзицијата.
- Запознајте го бебето со креветчето – неколку дена пред да почне бебето да спие во свое креветче, почнете да го ставате во креветчето преку ден додека е будно и расположено. Ставете и некоја играчка која подоцна може да ја користи и за спиење. Седете покрај бебето и зборувајте му додека е во креветчето. Повторете го ова неколку пати дневно.
- Бидете константни доколку сте сигурни во вашата цел – ова е можеби и најтешкиот дел, вашата константност. Пред се, размислете добро дали сте сигурни во тоа што го сакате, која е вашата крајна цел, и дали и двајцата родители се согласувате. Ако сте сигурни, штом ќе ја направите транзицијата, останете константни. На секое будење на вашето дете, враќајте го повторно во своето креветче. Наутро кога ќе се разуби, не го ставајте во вашиот кревет, отидете веднаш во дневната соба. Само со константност му давате јасни знаци за вашата крајна цел, само така и вашето дете ќе почне да го прифаќа својот кревет. Доколку една вечер инсистирате да спие во негов кревет, следна вечер му дозволите да се врати кај вас во кревет, па наредната повторно инсистирате да спие во свој кревет, само му давате измешани сигнали, поради што вашето дете многу тешко ќе го прифати новиот кревет, а и со повеќе плачење.
- Започнете тренинг за спиење – доколку вашето дете не знае да се успива само, треба да размислите да започнете и тренинг за спиење, за да може да научи да се успива само и да ја преспива ноќта. Изберете метода која одговара на вас и вашите ставови како родител, и придржувајте се до тоа. Доколку ви е потребна помош, контактирајте не да ви помогнеме, да направиме програма за вашето дете.
- Поминувајте што е можно повеќе квалитетно време во текот на денот со вашето бебе. На почетокот, можеби на вашето дете ќе му недостасува вашиот контакт кој сте го имале во текот на ноќта. Потрудете се преку ден да имате барем 30мин. квалитетно време со вашето дете. Тоа подразбира вашето внимание да биде насочено САМО кон вашето дете. Без телефони, без други обврски, без мултитаскинг. Само вие и вашето дете. Контакт со очи, зборување, мазење. Масажата е одличен начин за зацврстување на врската со вашето дете, направете ја дел од вашето секојдневие. Придобивките се огромни, и помага за подобар ноќен сон. Доколку сакате повеќе совети и насоки за тоа како да го масирате вашето дете, контактирајте не.
Бонус совет: Доколку бебето цица во текот на целата ноќ, а сакате да намалите или да го одвикнете од ноќни подои, пробајте тоа да го направите додека сте во заедничкиот кревет. Но ако не ви успее ( а потешко е да успее додека спиете заедно), паралелно со тренингот намалете ги и ноќните подои. Со тоа што бебето ќе научи да заспива само, многу лесно ќе научи и да презаспива навечер без цицање. Ако заспие со цицање, многу тешко ќе може, среде ноќ, да презаспие без цицање, а поради тоа ќе ви биде тешко да го намалите ноќниот подој.
ЗАПАМТЕТЕ ДЕКА ДЕЦАТА СЕ ПРИЛАГОДУВААТ БРЗО!
Овој процес за некои бебиња ќе биде потежок, а за некои полесен. Без оглед на причините за прекинување на заедничкото спиење, запомнете дека вашето бебе можеби не разбира целосно зошто мама и тато не се веднаш до мене кога ќе се разбудам.
Верувајте ми кога велам дека вашето бебе е попаметно и поприлагодливо отколку што мислите, и многу брзо ќе се прилагоди на новата рутина. Бидете константни и со јасни знаци. Можеби нема да биде лесно, сепак е голем чекор за сите вас! Запомнете, за една или две недели вашето бебе можеби и ќе биде целосно навикнато на новите рутини и “правила” за спиење.